Меѓународните средби на студентите од академиите и факултетите за драмски уметности „Скомрахи“ се мошне значајни за ФДУ, а во изминатите над 30 години стануваат сѐ поважен дел од културата за младите од Скопје и државата. Секоја година на почеток на ноември „Скомрахи“ е центар за размена на искуства и знаења, проучување на нови креативни пристапи, иницирање на контакти и соработка на проекти, и, секако, презентирање и афирмација на творештвото на младите театарџии и филмаџии.
Од самите почетоци манифестацијата посебно ги вреднува различностите и на културните специфики и во индивидуалното творештво. А особено ја акцентира креативноста, бунтовноста, автентичноста и отпорот кон клишеа и стереотипи. Останува доследна на изворната потреба за игра и слобода без ограничувања како и самите скомраси (првите патувачки актери и изведувачи кај Словените), обезбедувајќи простор да се остане свој во целосната посветеност кон сопствената уметност.
Над 3,000 студентите на ФДУ и нивните колеги од сродните факултети и академии од цела Европа досега изведоа и претставија стотици театарски претстави и филмови, а заедно со своите професори реализираа и голем број на работилници, предавања и дискусии. На „Скомрахи“ учествуваат и студенти на ликовни и музички академии и архитектонски факултети и останати млади уметници со свои изложби, концерти и перформанси. Сето ова ги прави „Скомрахи“ вистинска „креативна гола жица на ФДУ – истурен мегдан и моќна енергетска мрежа; тука се случуваат експлозии на талент, тука се негува и лачи и произведува високиот уметнички напон на иднината“ (Горан Стефановски).