Студиската програма по Филмско и ТВ снимање е четиригодишна академска програма (осум семестри), развиена согласно Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС). Програмата има за цел едукација на високостручни кадри од областа на кинематографијата, со фокус на уметничкото, техничкото и естетското обликување на визуелната слика во филмското и телевизиското творештво.
Наставниот процес е заснован на индивидуална, менторска и тимска работа, преку која студентите се стекнуваат со способности за самостојна креативна изразност и визуелна интерпретација на драматуршки и режисерски концепти. Во рамки на наставната продукција, студентите реализираат вежби, кратки филмови, телевизиски формати и фотографски проекти, работејќи во блиска соработка со студентите од другите аудиовизуелни студиски програми.
Програмата опфаќа:
- Основи на камера, светло и кадрирање;
- Визуелна композиција и фотографија;
- Технички и креативни аспекти на филмско и ТВ снимање;
- Применета работа во студио и на терен;
- Историја и анализа на визуелни стилови.
Особено внимание се посветува на современите технолошки трендови, новите медиуми и развојот на авторскиот пристап во доменот на визуелното раскажување. Наставата вклучува и практична работа со професионална опрема и современи снимачки технологии.
По успешното завршување на студиите, студентот се стекнува со звање Дипломиран филмски и телевизиски снимател, квалификуван за професионална работа во продукциски компании, медиумски институции, телевизиски куќи и независни креативни проекти.