Студиската програма по Актерска игра е конципирана како четиригодишни академски студии (осум семестри), според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС). Основната цел на програмата е образованието и стручното усовршување на идни актери преку систематски развиена педагошка методологија базирана на најзначајните актерски школи на 20. век.
Наставата се темели врз принципите на Станиславски и неговите следбеници, дополнета со пристапите на Бертолт Брехт, Јежи Гротовски, Питер Брук и други истакнати теоретичари и практичари од областа на актерската уметност. Наставниот процес подразбира индивидуализиран пристап во работата со секој студент, со цел да се препознаат, поттикнат и развијат неговите лични уметнички потенцијали.
Програмата опфаќа:
- Предавања и теоретски студии;
- Индивидуални и групни вежби;
- Работа на етиди, сцени и цели претстави;
- Континуирана практична работа во театарски контекст;
- Настапи пред публика, почнувајќи од трет семестар.
Од третата година, студентите имаат можност да учествуваат во професионални театарски, филмски и телевизиски проекти, согласно академскиот распоред и обврските предвидени со програмата. Завршените студенти се стекнуваат со звање Дипломиран актер и се квалификувани за професионално дејствување во јавниот и независниот сектор на изведувачките уметности.